Врати се назад Статии

Преглед на време: Розов октомври во Credissimo

Преглед на време: Розов октомври во Credissimo

По повод месецот за подигнување на свеста за ракот на дојката и годинава организиравме бесплатни превентивни прегледи за сите жени вработени во компанијата, испраќајќи порака дека грижата за здравјето започнува со навремена превенција. Станува збор за традиционална иницијатива што како компанија ја реализираме во континуитет, со цел да ја поттикнеме свеста за важноста на редовната грижа за здравјето и им овозможуваме на своите вработени полесен пристап до превентивна здравствена заштита.


Здравјето на вработените е еден од нашите најважни приоритети. Со оваа активност, која ја организираме неколку години по ред, сакаме да ги поттикнеме нашите колешки да одвојат време за себе и за своето здравје. Свесни сме дека во секојдневието, исполнето со професионални и приватни обврски, превентивните прегледи понекогаш се одложуваат. Затоа сметаме дека како компанија имаме одговорност на нашите вработени да им го олесниме пристапот до грижа за сопственото здравје. Веруваме дека со вакви и слични иницијативи правиме позитивна разлика.


Ракот на дојка е најчестото малигно заболување кај жените. Ова го потврдуваат податоците на Светската здравствена организација и на Меѓународната агенција за истражување на ракот, според кои во 2025 година, на глобално ниво се проценува дека бројот на нови случаи на рак на дојка достигнал околу 2,5 милиони. Во Македонија пак, годишно се регистрираат околу 1.000 нови случаи на ова заболување. Овие бројки се потврда за важноста за подигнување на свеста, редовните превентивни прегледи и раното откривање на заболувањето, што значително ги подобрува можностите за успешно лекување.


Токму затоа, со организирањето бесплатни прегледи, не само што ја поддржуваме глобалната кампања за подигнување на свеста за ракот на дојката, туку и практично придонесуваме за поттикнување здрави навики и одговорен однос кон сопственото здравје.


Оваа активност е дел од континуираните заложби на компанијата за создавање безбедна работна средина и грижа за благосостојбата на вработените. Тоа го потврди и анонимната независна анкета, спроведена на почеток на годината, според која Credissimo го слуша гласот на своите вработени, ги почитува и вреднува нивните предлози, идеи и критики и ги применува во пракса за да создаде подобра и побезбедна работна средина.

Поврзани статии

Врати се назад