Зошто Ноември е месец на машкото здравје?

Зошто Ноември е месец на машкото здравје?

Месец Ноември е посветен на машкото здравје и кревање на свеста кај машката популација околу карциномот на тестисите. Ова глобално движење од година во година придобива сè поголемо внимание и е многу повеќе од само стилско пуштање на мустаќи.

Мажите меѓусебно си даваат поддршка и се охрабруваат да ја кренат свеста околу карциномот на тестисите и редовните прегледи за намалување или спречување на развој на овој карцином. Во Македонија, во однос на изминатите години, е забележан рекорден пораст на карцином на тестисите, а најчесто е дијагностициран кај мажи на возраст од 18 до 35 години.

Сепак, треба да се знае дека овој карцином е малиген и шансите да се преживее се 99% доколку карциномот се утврди во раната фаза. Инаку, овој карцином е главна причина за неплодност, но не е познато од кои причини се појавува, иако постои генетска предиспозиција.

Како да ги препознаеш симптомите?

Карциномот на тестиси е ретка болест, но сепак секој израсток на тестисот мора да се испита за да се исклучи малигно заболување. Испитувањето е важно за да се утврди што е можно поскоро, а најточно дијагностицирање, ресичи 100%, се добива со ултразвук.

Типични симптоми се појавување на оток или јазол во тестисот кој најчесто е безболен или минимално болен, непријатно чувство во пределот на тестисите, промена на бојата на кожата на скротумот над тестисите, болна ејакулација или крв во ејакулатот. Сепак, овие симптоми не потврдуваат дека се појавил канцер на тестисите, но е доволен сигнал за преглед кај уролог.

Доколку се почувствуваат болки во грбот или во долниот дел на абдоминалната празнина, односно неможност за ејакулација, тогаш веќе станува збор за симптоми во подоцнежна фаза.

Се препорачува барем еднаш во месецот секој маж да направи самопреглед поточно, може да го стори тоа на четири начини:

  • Обезбеди потпора на скротумот. Сите промени во големината, формата или тежината треба да бидат проверени од лекар.
  • Прегледај го секој тестис посебно со движење меѓу прстите.
  • Со нежен притисок на секој од тестисите провери ја цврстината.
  • На секој тестис на врвот се наоѓа епидидимисот. Не паничи доколку го почувстуваш, тоа е нормално.

Како настанало движењето „Мовембер“?

Движењето „Мовембер“ започнало од далечната Австралија во 2003 година кога двајца Австралијци, Тревис Гароне и Лук Слетери, решиле да започнат шега меѓу своите пријатели, враќајќи ја модата на носење мустаќи. Подоцна, тие решија да го поврзат предизвикот со розева панделка како онаа што се користи за одбележување на борбата против канцер на дојка со цел да се залагаат за здравјето на мажите.
 
Гароне и Слетери биле зачудени кога дознале дека 30 нивни пријатели се подготвени да го прифатат предизвикот и да растат мустаќи откако испратиле емајл со наслов „Дали си доволно маж за да бидеш маж?“. Оваа група од 30 мажи, подоцна добила поддршка од Фондацијата за карцином на простатата во Австралија, која отвара сметка за донација. Веќе следната година, во месец ноември, групата од 30 се зголемува на 450 лица, а пораката дека вакво нешто се случува во Австралија брзо се шири и во САД, Канада, Нов Зеланд, Европа и носењето мустаќи е се помасовно.

Правила за „Мовембер“

Желбата да пуштиш мустаќи може да ја исполниш токму во овој месец, а за целосно да го поддржиш и да бидеш дел од движењето ,,Мовембер", треба да следиш осум правила:

  • Предизвикот мора да го започнеш избричен
  • Избери стил на мустаќи
  • Пушташ само мустаќи, не и брада
  • Можеш да ги потскратуваш, но никако целосно да ги избричиш мустаќите
  • Ги носиш од 1 до 30 ноември, без никакво оправдување
  • Не ги спојувај мустаќите со бекембардите
  • Биди господин, однесувај се пристојно, културно и воздржано
  • Не заборавај зошто пушташ мустаќи, редовно кревај ја свеста и користи ја секоја можност да ги едуцираш луѓето околу тебе

Многу е важно мажите да продолжат да си даваат поддршка меѓусебно со цел полесно да се справат доколку се најдат во непосакувана ситуација. Затоа биди дел од глобалното движење „Мовембер“, пушти мустаќи и редовно проверувај се.



Врати се назад

Прочитај повеќе