Летната сезона е во полн ек, а Грција и годинава е една од најпривлечните и најчести дестинации за туристите од Македонија. Со оглед на близината, најголем дел од македонските граѓани избираат да патуваат во Грција со автомобил до грчките плажи. Тоа е практично бидејќи може да понесете повеќе багаж и да истражувате различни локации за време на летниот одмор. Но, патувањето со сопствен автомобил бара добра подготовка и со себе носи низа одговорности. Освен проверката на возилото и планирањето на патувањето, важно е навреме да се обезбедат сите неопходни документи, бидејќи во спротивно едно обично полициско запирање може да го претвори одморот во непланиран трошок и нервозни ситуации. Затоа овој Credissimo водич ги издвојува најважните совети за возење во Грција - од зелен картон и задолжителна опрема, до казни, патарини и планирање на буџетот.
Зелен картон за Грција - документ што може да ви заштеди стотици евра
Еден од најважните документи за патување со автомобил во Грција и во странство е меѓународната карта за осигурување, попозната како зелен картон. Иако многумина го доживуваат како формалност, овој документ може да ви заштеди многу нервози, време и пари, во случај на сообраќајна незгода или друг вид оштетување на автомобилот.
Зелениот картон претставува доказ дека возилото има важечко осигурување надвор од матичната држава. Во случај на сообраќајна незгода во странство, токму овој документ овозможува полесно и побрзо решавање на постапката за надомест на штета. Документот се издава од осигурителната компанија кај која е регистрирано возилото и најчесто може да се добие за само неколку минути.
Цената на зелениот картон зависи од неговото времетраење и од моќноста на моторот на возилото. Ако е со важност од еден месец, тој чини 1.850 денари за возила до 66 KW и 3.075 денари за возила над 66 KW моќност. За годишен зелен картон пак треба да издвоите 3.690 денари ако имате автомобил до границата од 66 KW или 5.530 денари доколку моторот е со поголема моќност.
Корисен совет: Доколку патувате со автомобил надвор од државата барем два пати во годината, најпрактично е да извадите годишен зелен картон во моментот кога го регистрирате возилото.
На граничните премини кон Грција најчесто се бара зелениот картон за да може да влезете во државата, но може да се случи и да не ви го побараат. Во секој случај, тоа е задолжителен документ и доколку не го поседувате при полициска контрола или сообраќајна незгода, тоа може значително да ја искомплицира ситуацијата и да бидете изложени на високи трошоци.
Казни во Грција: построги контроли за возачите
Грчката полиција во текот на летната сезона вообичаено ги засилува контролите, особено на патиштата кон туристичките места. Возачите треба строго да ги почитуваат ограничувањата на брзината, забраната за користење мобилен телефон и задолжителното користење сигурносен појас за сите патници.
Од годинава воведени се и значително повисоки казни за одредени прекршоци, а построги санкции се предвидени и за повторување на прекршоците. Еден од посериозните прекршоци е и пушење цигари во возило во кое се превезува дете.
Преглед на најчести казни за возачите во Грција:
Користење мобилен телефон при возење - казна од околу 350 евра плус одземање на возачката дозвола на одреден период.
Некористење сигурносен појас - 350 евра казна за возачот и можни дополнителни санкции.
Пречекорување на дозволената брзина - казните зависат од тоа колку е надминато ограничувањето и можат да се движат од неколку десетици до неколку стотици евра. На пример, доколку возите 50 километри на час повеќе од дозволеното, паричната казна изнесува 700 евра.
Возење под дејство на алкохол - Грција има строги правила за овој тип прекршок. Казните се движат од 350 евра, па до 4.000 евра. Во зависност од количеството алкохол може да следува и одземање на возачката дозвола, па дури и кривична одговорност.
Пушење во возило во кое се превезува дете помладо од 12 години - казна до 1.500 евра и привремено одземање на возачката дозвола на еден месец.
Немање задолжителна опрема во возилото - доколку при контрола недостасува противпожарен апарат, комплет за прва помош или сигурносен триаголник, може да биде изречена парична казна во висина до 80 евра.
Задолжителна опрема во автомобил за патување во Грција
Освен важечки документи и почитување на сообраќајните правила, грчката полиција посветува големо внимание и на задолжителната опрема во возилото. Правилата за патување во Грција предвидуваат специфична безбедносна опрема која во одредени делови се разликува од тоа што се бара во Македонија.
Во возилото треба да ја имате оваа опрема:
- сет за прва помош кој го исполнува меѓународниот стандард DIN 13164:2022
- противпожарен апарат од минимум два килограми
- сигурносен триаголник
- рефлектирачки елек
- резервна гума или сет за поправка на гуми
- резервни сијалички
Сообраќај околу Солун: проверете ја состојбата пред патување
Доколку заглавите во сообраќаен метеж во Грција за време на летната сезона, тоа може да ви ги поремети плановите и да ви предизвика непотребни нервози.
Во текот на ова лето се очекуваат повремени застои околу Солун поради градежни работи на делови од обиколницата, особено за време на викендите кога фреквенцијата на туристи е најголема. Затоа е препорачливо пред поаѓање да ја проверите актуелната состојба на патиштата кон Грција, и доколку има потреба, да најдете алтернативна маршрута.
Пари, картичка и буџет за летен одмор во Грција
При патување во Грција, добро е да знаете дека земјата во голема мера има воведено безготовинско плаќање. Со картичка може да платите на патарините, во ресторани, продавници, маркети и сместувачки капацитети. Сепак, секогаш е добро со вас да носите и одредена сума готовина бидејќи може да наидете на продажно место кое нема пос-терминал за плаќање со банкарска картичка.
Планирањето на трошоците и буџетот за летниот одмор во Грција, исто така, е една од најважните подготвителни активности. Доколку очекуваните трошоци го надминуваат вашиот буџет, преку Credissimo може навреме да обезбедите дополнителни средства со поволни услови. За само неколку минути може да аплицирате за кредит во висина до 200.000 денари и рок на отплата до 36 месеци. Новите корисници може да ја искористат и понудата за кредит со 0% камата, во висина од 30.000 денари и рок на отплата од три месеци.
Практични совети пред тргнување на пат за Грција
- Извадете патничко осигурување за сите членови на семејството, не знаете кога може да ви затреба.
- Проверете го притисокот на гумите на автомобилот и наполнете течност за бришачи.
- Наточете гориво - бензините во Грција се поскапи во споредба со Македонија.
- Проверете ја состојбата на граничните премини и на патиштата.
- Чувајте ги сите документи на лесно достапно место.
- Почитувајте ги сообраќајните правила и возете внимателно.
Летните одмори често создаваат авантури и доживувања кои се паметат цел живот. Добрата подготовка овозможува да се избегнат главоболки и непријатни изненадувања и да можете целосно да се препуштите и да уживате во одморот во Грција.