Што симболизира розовата панделка?

Што симболизира розовата панделка?

Сигурно веќе си ја забележал розовата боја овој месец повеќе од еднаш. За добро е! Розовата панделка, која е симбол за подигање на свеста за ракот на дојката, оваа година наполни 30 години!

Панделката, создадена од Евелин Лаудер, има за цел да ги потсети жените да прават редовни мамографски и ехопрегледи со цел рана превенција на карциномот на дојките.

Првичната мисија на овој симбол била да се поставува на женски производи, а дел од приходите од нивната продажба да бидат пренаменувани за истражувања и зајакнување на лабораториските капацитети за масовно тестирање. Евелин Лаудер во 1993 година, ја има основано Фондацијата за истражување на ракот на дојката.

Но, зошто Лаудер се има одлучено за ваква иницијатива? Затоа што ракот на дојката е втората најголема причина за смртност кај жените, по ракот на белите дробови. Иако има надолен тренд, според последните статистики, една од 39 жени умира поради рак на дојката, што во просек би значело 2,5 % од смртноста.

За да се вклучиме и ние во месецот на розовата панделка, во продолжение ти откриваме 5 неверојатни факти:

Алкохолот ги зголемува шансите за рак на дојката

Пиењето алкохол по една чашка на ден ги зголемува шансите за појава на рак на дојката, но пиењето две до пет чаши го зголемува ризикот еден и пол пат повеќе. Според многу истражувања алкохолот влијае на зголемување на одредени хормони и ги оштетува ДНК во клетките.

И мажите можат да добијат рак на градите

Да, иако е во помал број, сепак, и мажите заболуваат од рак на градите. Ова особено се појавува кај оние со поголема тежина, кои имаат таканаречено „градно ткиво“. Сепак, нивниот процент е помал, бидејќи ги немаат истите жлезди кои ги има во женската града.

Најголем број од жените го совладуваат ракот на дојката

Оние кои имаат рак на дојката, сепак, шансите се на нивна страна. Иако стапката на смртност многу зависи од периодот на детекција и типот на карциномот, речиси 90 % од заболените го преживуваат карциномот. Најголем фактор за степенот на надминување на болеста е дали ракот е проширен во лимфните жлезди, кои може да го пренесат во другите делови од телото.

Вежбањето го намалува ризикот

Постојат многу голем број на студии и истражувања кои ја поврзуваат врската помеѓу вежбањето и „отпорот“ на телото, но речиси сите покажуваат дека жените кои спортуваат или имаат некаква фитнес активност имаат помал процент на заболување со рак на дојката. Ризикот се намалува помеѓу 20 и 80 %, но 30 до 60 минути активност на ден ја прават целата разлика!

Ризикот за рак на дојка се зголемува со годините

Дали знаеш дека една од три жени која има рак на дојка има над 70 години? А само 7 % од жените под 40 годишна возраст имаат рак на дојката. Иако статистиките покажуваат дека постарите жени се помалку отпорни, сепак, докторите препорачуваат барем еднаш годишно да се посетува ехо или мамографија кај жени над 40 години, а еднаш во 3 години кај жени на возраст помеѓу 20 и 40 години. 

Се надеваме дека те заинтригиравме уште повеќе да навлезеш во целата проблематика и да ги откриеш сите знаци кои може предвреме да го детектираат ракот на дојката.

Тоа што можеме да те посоветуваме е да разговараш со твојот доктор, да правиш навремени прегледи и редовни скрининзи. Така, секогаш ќе бидеш сигурна дека твојата здравствена состојба е во најдобар ред, а во случај да не е така редовните прегледи ќе го намалат ризикот од евентуално влошување на здравјето. Подобро е да се спречи, отколку да се лечи!



Врати се назад

Прочитај повеќе