5 книги за нов почеток

5 книги за нов почеток

Новата календарска година веќе надлабоко навлезе. Веќе неколку денови ја чувствуваме и пролетта и новото будење на природата. Доколку со доаѓањето на пролетните денови ти се појави и желбата за промени, не постои подобар период од годината за да посакаш да ги промениш навиките и да гледаш на работите од друга перспектива за да можеш полесно да се соочиш со предизвиците кои ги носи животот.

За такво нешто, потребна ти е отскочна штица, а најдобар начин за тоа се напишаните сведоштва и експертизи од многу познати писатели кои ги споделуваат работите со сите нас. Затоа, подготвивме список од 5 прекрасни книги кои ќе ти овозможат да се самонадоградиш и ќе ти помогнат побрзо да ги постигнеш твоите цели.

„Атомски навики“ од Џејмс Клир

Без разлика на твоите цели, „Атомски навики“ нуди цела рамка на совети за подобрување на твоето секојдневие. Џејмс Клир е еден од водечките експерти за формирање на нови навики, а во ова негово издание тој открива практични стратегии кои целосно ќе те научат како да создадеш нови благодатни навики за тебе, како да ги отстраниш лошите навики и да постигнеш лични резултати со кои ќе се гордееш.

Според него, проблемот не лежи во тебе, туку во системот на активности кои ги преземаш за да ги совладаш проблемите. Лошите навики ќе се повторуваат постојано, бидејќи не сакаш и не знаеш како да ги промениш. Затоа, токму оваа книга ќе те научи да ги промениш перспективите по кои го трасираш напредокот, а истото  е применливо не само за индивидуи туку и за цели групи.
Изворот од кој авторот ги црпи неговите совети се биологијата, психологијата и неуронауката.

„Заврши ги работите“ од Дејвид Ален

Повеќе од 2 милиона читатели до сега ги имаат откриено методите на Дејвид Ален за прочистување на мислите, подобрување на фокусот и концентрацијата и постигнување на сопствените цели со леснотија и елеганција.

Писателот во оваа книга која е поделена на пет чекори во детали ја објаснува методологијата која ќе те научи да ја подобриш продуктивноста и како да им се спротивставиш на препреките во бизнисот и животот.

Според него, овие пет чекори ќе ти го претворат хаосот во ред.

  • Соочи се со проблемот;
  • Разјасни го проблемот;
  • Организирај се;
  • Потсети се што си правел до сега по ова прашање;
  • Засукај ги ракавите и соочи се со проблемот користејќи нови активности кои не си ги користел претходно.

„59 секунди промени го животот во помалку од минута“ од Ричард Вајсмен

Лесно апликативни практики, базирани на научни истражувања како можеш да го промениш начинот на твојот живот за помалку од една минута.

Ричард Вајсман е еден од најпопуларните психолози, а откако бил разочаран од сѐ што е понудено на пазарот кон читателите, се одлучил да се посвети на научните податоци и оттаму да создаде програма која навистина ќе дејствува и ќе помага. Во оваа збирка на совети и добри практики, базирана на неговите истражувања, со читателите споделува техники на соочувања со секојдневните проблеми на малку поинаков начин.

„Почни со зошто“ од Сајмон Синек

Зошто го правиш тоа што го правиш? Ова е кратко и едноставно прашање на кое одговорот е толку комплициран. Луѓето и бизнисмените знаат што прават, но мал дел од нив може да објасни зошто го прават тоа. Оваа книга е погодна за секој оној кој бара промени, инспирација за нови почетоци и мотивација за сите понатамошни предизвици.  

Сајмон Синег е многу популарен мотиватор и маркетинг-консултант кој со вистински примери од светски глобални компании ја открива причината за постапките на една личност или организација. Книгата е одлична за читање  и е наменета за оние кои сакаат промена во животот и претворање на магливите денови во сончеви моменти.

„Разбуди го џинот во себе“ од Ентони Робинс

Сите сакаме да си поставиме нови цели кон кои ќе се фокусираме и ќе се стремиме да ги реализираме. Секогаш не сме подготвени да се соочиме со реалноста – бидејќи повеќето од целите се тешки за реализирање. Но, на крајот од годината, кога ќе се соочиме со она што сме го постигнале, доаѓа разочарувањето.

Оваа книга од Ентони Робинс ни открива нова методологија на зацртување на целите и нивно остварување. Преку книгата ќе научиш подобро да ги контролираш сопствените емоции, да го намалиш стресот, да научиш како да се однесуваш со луѓето од твојата непосредна околина и тоа чекор по чекор.

Повеќе од 4 милиони луѓе ги имаат посетено неговите семинари, а неговите совети на видео и аудиоплатформите имаат повеќе од 50 милиони прегледи.

Прочитај една од овие 5 предлог книги кои ги подготвивме за тебе и направи го првиот чекор кон новиот ти.



Врати се назад

Прочитај повеќе