7 причини зошто и како да си замесиш леб дома

7 причини зошто и како да си замесиш леб дома

Дали недостигот од бел леб на полиците ти буди желба истиот да го подготвиш дома? Признај дека мирисот на топол леб, крцкава кора и воздушни меурчиња, никого не може да остави рамнодушен!

Можеби никогаш немаш помислено дека можеш сам да си замесиш леб. Токму затоа, подготвивме неколку причини за тоа зошто подготвувањето леб во домашни услови, навистина, е добро за тебе, за твојот дневен буџет, а, пред сѐ, и за твоето здравје.

1. Мноооогу е повкусно!

Домашниот леб секогаш е повкусен од оној кој е подготвен во фабрика. Зошто? Бидејќи ти самиот ги одбираш состојките, го подготвуваш тестото со многу љубов и со нетрпение очекуваш да се испече лебот. И секако, можеш да се пофалиш на пријателите и најблиските дека сам си подготвуваш вкусен леб, во различни форми.

2. Мноооогу е поздраво!

Во приготвениот домашен леб секогаш се наоѓаат најквалитетните состојки, за разлика од оние на големите фабрики и пекари, кои во потрагата по поголем профит знаат да направат компромис со квалитетот. Нема да користиш палмино масло, маргарин, адитиви и други хемикалии, што му овозможуваат да трае 2 или повеќе недели?

3. Мноооогу е поевтино!

Колку чини еден килограм брашно? Од него без никаков проблем можеш да „извадиш“ дури 3 векни леб со стандардна големина. Не ги забораваме ниту јајцата, квасецот, водата, солта, шеќерот итн... но сѐ собрано, приготвениот домашен леб чини половина од онаа цена што е на полиците во маркетите. Дополнително, доколку имаш машина за леб, многу се скратува и од времето коешто е потребно да се подготви лебот.

4. Мноооогу е позабавно!

Подготвувањето леб во домашни услови може да биде многу забавно хоби. Покрај стандардниот бел леб, можеш да експериментираш додавајќи посип од семки, да користиш интегрални брашна, да додаваш протеини, да користиш семки внатре во тестото и слично... Да се биде иновативен во кујната во денешно време е многу лесно.

5. Мноооогу опушта!

Дали знаеш дека подготвувањето леб може да ти помогне да си ги усовршиш твоите вештини како што се  внимателност, трпение во подготвувањето и да се фокусираш на естетските моменти кои придонесуваат во создавањето нови форми леб? Не се шегуваме, постојат многу студии и книги кои го докажуваат ова. Наша топла препорака е книгата: Терапија со леб: Внимателната уметност на печење леб.

6.Мноооогу зближува!

Подготвувањето на леб не мора секогаш да биде индивидуална активност. Повикај ги твоите омилени личности, научи ги на основните чекори во подготвувањето леб, воведи ги во хемиските процеси кои се случуваат додека се меси, стасува или се пече лебот. Или, пак, научи ги најмладите како да подготвуваат леб, правејќи го процесот на подготовка една интересна игра во која ќе се вљубат уште во првиот момент.

7. Мноооогу повкусни рецепти со остатоците!

Дали редовно ти останува вишок леб кој се расипува по одредено време? Купечкиот леб нема иста цврстина како домашниот, па оттаму секој рецепт подготвен со „остатоците“ од лебот има друга топлина и вкус. Постојат милиони рецепти за тоа како и што да се направи со таканаречениот бајат леб. Како, на пример, домашна презла (лебни трошки), лепчиња со јајца, тост, крутони за супа и мноооогу други вкусни јадења.

Домашниот леб секогаш е повкусен и подобар од оној кој може да се најде на полиците во маркетите.

Aко прочита сѐ до тука и одлучи дека сакаш да си направиш, еве ти рецепт за леб:

  • 700 г бело брашно
  • 300 г интегрално брашно
  • 2 лажици мелено ленено семе
  • 1 сув квасец
  • 150 мл масло
  • 600 мл вода
  • 1 кафена лажичка сол
  • 1 кафена лажичка шеќер

Прво, во сад за месење измешај ги убаво сувите состојки. Додај ги маслото и водата и замеси меко тесто. Додај брашно доколку е потребно. Остави го тестото настрана за да надојде. Кога веќе е готово, раздели го на 3 топчиња. Секое топче премачкај го со вода и врз него нароси брашно. Остави ги топчињата уште 15 минути да постојат. Се печат во добро загреана рерна, на температура од 220 степени, околу 30минути додека не поруменат.

Имаш ли идеи и други причини за тоа зошто подготвувањето на леб во домашни услови е подобро отколку да го купиш од маркет? Сопствените идеи сподели ги со нашите следбеници на социјалните мрежи во коментар.



Врати се назад

Прочитај повеќе