Сите обичаи пред и за време на Велигденските празници

Сите обичаи пред и за време на Велигденските празници

Доколку Божиќ претставува еден од најрадосните денови во христијанството, бидејќи на светот се појавил „Месијата“, Велигден претставува тажен, но воедно и среќен ден, бидејќи Христос ја победил смртта преку своето жртвување и патење.

Можеби добро ти се познати велигденските јајца, постењето, како и кршењето со јајца по 00:00 часот во сабота наспроти недела. Но, пред Велигден и за време на велигденските празници постојат уште многу обичаи кои повеќе или помалку се познати меѓу народот.
За да можеш подобро да се подготвиш за претстојниот празник, подготвивме листа на неколку обичаи. Прочитај ги сите!

Вапсување јајца

Јајцето е симбол на обновувањето на природата и животот.
Вапсувањето велигденски јајца е еден од најубавите и најрадосните обичаи, кој не се искоренил. Според долговечната традиција јајцата се вапсуваат во четврток наутро пред изгревањето на сонцето. Првото вапсано јајце се чува до наредниот Велигден и истото се вика чувар на домот.
Симболиката на вапсувањето јајца е во спомен на света Марија Магдалена, девојката која постојано била со Богородица за време на страдањата на Исус. По воскреснувањето, Исус за прв пат ñ се појавува на Марија Магдалена која потоа патува во Рим да го проповеда Евангелието, додека при посетата на царот Тиберија како новогодишен поклон му подарила црвено јајце и го поздравила со зборовите:
Христос Воскресе!

Црвената боја симболизира невино пролеана крв, исторемено и од тој момент се карактеризира како боја на воскресувањето, бидејќи нема воскресение без смрт и страдање. Постои обичај пред Велигден, верникот да се капе со црвено јајце, поминувајќи по целото телото со јајцето, а во некои делови од нашата татковина - мајката или најстарата жена во фамилијата во четврток наутро со штотуку вапсани црвени јајца, кои уште се топли, ги допира образите на децата за да им бидат румени во текот на целата година.  

Велики Петок

На Велики Петок, се слават спомените од Христовото распнување на крстот, обичајот е по бакнувањето на иконите, верниците да се протнат под масата на која е поставено платно на кое е насликан Исус Христос. По некое верување се смета дека за време на протнувањето под масата, верниците треба да се помолат и да замислат желба и ќе им биде исполнета.
На овој ден се започнува со подарување на вапсани јајца.

Славење на Воскресението

Во сабота, по полноќ се слави Христовото воскресение. По биењето на камбаните кои го навестуваат големиот празник, и по молитвата  верниците меѓусебно се поздравуваат со зборовите: Христос Воскресе, и Навистина Воскресе,и со овој поздрав пожелно е верниците да се поздравуваат до празникот Спасовден.
Откако ќе се поздрават луѓето традиција е кршење на вапсани јајца кои се носат со себе за време на молитвата пред полноќ, по што завршува постот и препорачано е истиот да се прекине со јадење на вапсано јајце.

Кршење со јајца

Традицијата вели дека во секое домаќинство на масата треба да е поставена кошница полна со вапсани јајца во сите бои. Најпрво, домаќинот зема јајце па потоа дели на сите останати. За време на свечениот велигденски ручек се верува дека за здравје најпрво ручекот се започнува со едно вапсано јајце, па потоа со сѐ друго останато.
На секој гостин кој ќе дојде во домот, најпрво, треба да му се даде вапсано јајце.

Понеделник по Велигден

Првиот понеделник по Велигден се верува дека е потребно да се посетат гробовите на вашите најблиски и денот се обележува како Задушница. Се палат свеќи и се врши помен за покојните души, додека се носат и се поставуваат вапсани јајца на гробот и се делат на оние најсиромашните кои немаат за храна.

Најпознати обичаи:

  • За Велигден се станува рано наутро, а НЕ се оди на спиење пред полноќ.
  • Наутро да се измиете со вода во која има дрен, здравец, босилек и црвено јајце.
  • Се верува дека доколку на челото на децата се помине со црвено јајце, истото ќе придонесе за здравје во текот на целата година.
  • На децата во недела наутро им се кријат јајцата низ домот и дворот, а откако ќе ги најдат за нив следува награда, подарок од родителите.
  • За Велигден се подготвуваат слатки лебови, со црвено јајце во средина, познати како милиброд или козињак во западните делови на земјата.
  • Јајцето кое ќе остане нескршено за време на велигденските денови, се нарекува „кршаче“ и истото се чува до следниот Велигден.

  • Дали пропуштивме некој обичај кој се практикува во твоето семејство или во твојот крај? Пиши ни го во коментар на социјалните мрежи и запомни, кај и да си секогаш за Велигден дома да си!


Врати се назад

Прочитај повеќе